БАРАЈЌИ ГО НЕВОЗМОЖНОТО

Никола Узуновски

Отворање на изложбата: вторник 15.12.2015 во 20 часот

Screen shot 2015-12-08 at 20.47.45
Никола Узуновски, Моето сонце, Хелсинки, 02063, 2009, Печат на хартија, 90 х 160цм, Едиција од 5 копии.

Никола Узуновски во ова претставување насловено „Барајќи го невозможното” ја презентира својата еднодецениска истражувачка работа и историјата на обидите да го реализира својот досега најамбициозен проект „Мое сонце” (My Sunshine, 2005-ongoing), како резултат на обемни истражувања и бројни соработки, почнувајќи од 2005 година со неговата резиденција во Финска и директното искуство на суровите услови во Арктичкиот поларен круг. Овој отворен проект, досега е претставен во повеќе земји, а својата најзначајна презентација ја има во рамки на Венециското биенале во 2009 година. Подоцна следуваат и проектите „Соларни облаци” (2013-ongoing)  и „Термо-соларни летала” (2014-ongoing), кои произлегуваат од долгогодишната работа и стекнато искуство во повеќето реализирани фази на првиот, преку модификации на сознанијата и можностите од реализираните прототипови.

Обединети под заедничкиот наслов „Барајќи го невозможното”, овие идеи/проекти иако претставени на повеќе интернационални изложби во кои е тематизирано прашањето за утопиското, за првпат интегрално се претставуваат во галеријата на SIA во Скопје, во форма на истражувачка лабораторија, но истовремено и архива на досегашниот истражувачки процес, преку скици, технички цртежи, анимации, модели, графикони и фотодокументација. Тие можат да се лоцираат во меѓуросторот помеѓу уметноста и науката, визиите за иднината и горливите општествени прашања, некаде на вкрстувањето на поетското, политичкото и хипер-технолошкото.

Период на истражувачката работа на Узуновски речиси се поклопува со периодот во кој македонското општество полека влегува во втората транзициска фаза и преку идеолошкиот апарат дополнително се развива во отворено конзервативна и изразито анти-интелектуална средина, со видливи знаци на авторитарност. Евидентните тенденции за укинување на политичкото сфатено како демократски агонизам, притоа ги следи и најбруталните агенди на неолибералното до-укинување на општественото во интерес на приватното, без почитување на еднаквоста. Токму ваквиот контекст ги прави овие проекти посебно интересни ако се земе предвид прашањето за можното, овде и сега, наспроти посакуваната иднина.

Текстот преземен од “Преку спојување на поетското и хипертехнолошкото кон реконституција на општественото” на Владимир Јанчевски

Никола Узуновски е роден во Земун, Белград, Србија во 1979 год. Изложувал на над од сто изложби низ целиот свет. Во 2005 год. учествува на 53-тото Biennale di Venezia, во проектот Floating Sites, а во 2007 год. ја освојува наградата Млад Европски Уметник. Почнува да работи на неговиот проект My Sunshine на Trieste Contemporanea кој го продолжува подоцна за време на престојот во Полинарија, Абруци во 2008 год. Понатаму го развива проектот за македонскиот павилјон на 53-тото Biennale di Venezia во 2009 год. Соло изложбите кои треба да се споменат се “Snow” и “My Sunshine” во Federico Luger галеријата во Милано. Големите групни изложби на кои учествувал и кои не смеат да се изостават се, “Greenwashing” во Fondazione Sandretto Re Rebaudengo (Турин, Италија, 2008), “Green Platform” во Fondazione Strozzi (Фиренца, Италија, 2009), “Spaceship Earth во Centre of Contemporary Art Znaki Czasu (Торун, Полска, 2011).

Artist talk: среда 16.12.2015 во 20 часот

Изложбени денови: 16.12.15 – 20.01.16

 

26.12.15-10.01.16 галеријата е затворена

21-26.12.15. галеријата е отворена само со претходна најава,

Ве молиме јавете се на моб. 075 777630

 

Галерија Сиа

Ѓорѓи Пешков 6, прв кат, Скопје (Боемска улица над кафеаната Чардак)

Чет – Пет 11.00 – 17.00 ч, саб 11.00 – 14.00 ч.

http://www.seriousinterestsagency.com