Биографии на учесниците

ИВАНА МЕШТРОВ е историчарка на уметност, кураторка и еден од основачите на организацијата за современи уметнички пракси „Слободне везе/ /Loose Associations“, активни од 2006 г. Од 2009 г., работи како асистентка на Отсекот за историја на уметност на Филозофски факултет во Сплит. Со историчарката на уметност Михаела Рихтер, со која од 2008 г. го води едукацискиот проект „Кустоска платформа“, го уредила бројот „Животот на уметноста“ на тема „Фрагменти на кураторскиот дискурс“ (85/2009), а заеднички ја курирале и едукациската платформа на меѓународната изложба на графички дизајн и визуелни комуникации „Зграф 11 – Едузграф“ (2012).

Самостојно или колективно, курирала голем број на самостојни и групни изложби како и видео програми во Хрватска и во странство, а од постоечките изложбени соработки се издвојуваат: Биенале на младите на Медитеранот – Медитеранеа 16 (Errors Allowed), Monte Vanvitelliana, во Анкона во 2013.; Град на друг поглед, галерија „Галженица“, Велика Горица, 2013; Секоја куќа е остров, grey)(area, Корчула, 2013; Видеохоризон, Instants Video, Марсеј, 2013 и Медитеранеа 16 во Сплит, МКЦ, Сплит, 2013.

Соработувала на програмата на аудиовизулениот фестивал Momjano Vizura aperta во периодот од 2006 – 2010. Редовно објавува текстови во двонеделникот за општествени и културни настани „Зарез“ и на Третиот програм на Хрватско радио.

АНА КОВАЧИЌ е кураторка која работи како раководителка на Галеријата „Мирослав Краљевиќ“ (http://www.g-mk.hr/). Како соработничка на Делве (Институтот за траење, место и варијабли), работела како истражувачка на сегментот „Извадени од толпата“ од изложбата „Политички пракси на (пост)југословенската уметност“ во Белград  во ноември и во ШКУЦ во Љубљана, во декември, 2009 г. Заедно со Зана Шашкин, авторка е на изложбата „Ho(w) to“  и „Драга, извини што ти пишувам вака доцна“ (Фокус група) во галеријата „Јогурт“ во АКЦ Медика. Работела како надворешна соработничка на проекти на БЛОК и Стдиото Оанголин. Во 2013 и 2014 г. била раководителка на Практикумот во рамките на програмата на Кустоска платформа и била ангажирана и како надворешна соработничка на Галеријата „Галженица“ во Велика Горица на програмите за 2012 и 2013 г. Новинарка е на емисијата „Трансфер“ на ХРТ 3 и уредничка на „Визуелна култура“ на двонеделникот „Зарез“ (заедно со Тихана Бертек). Живее и работи во Загреб.

КУСТОСКА ПЛАТФОРМА е проект кој е покренат во 2008 г. со цел да овозможи дополнителна теориска и практична едукација на полето на современата уметност. Тој е посветен на продлабочување на знаењето од современата национална и меѓународна визуелна уметност, како и средба и работа со протагонистите на уметничката, кураторската и културната сцена во Хрватска и светот.

Низ овој програм, учесниците се насочуваат кон примената на стекнатите теориски знаења во пракса и се потенцира вмрежувањето и соработката меѓу блиски, но недоволно поврзани уметнички и општествено – хуманистички професии и се потенцира нивното преклопување во професионалните мрежи на делување во културата.

Работата на колективен изложбен проект е составен дел од кураторската програма, овозможувајќи им на учесниците увид во можните методолошки, технички и теориски алатки врзани за концепцијата и реализацијата на изложба на современа уметност.                                                  http://www.kustoskaplatforma.com/

ГРУПАТА ABS беше формирана како критичка платформа, активна во материјалната пракса во областа на политичките контрадикции на современото хрватско сликарство, уметност и можностите за транзициона култура и општество. Членови на групата се Алан Алебиќ (1976), Ивица Блажиќ (1975) и Иван Скврце (1980). Дипломирале во 2003 г. на Академијата за ликовни уметности во Загреб, насока сликарство. Штотуку  завршија колективна магистратура на студии на Академијата за ликовна уметност и дизајн во Љубљана. Живеат и работат на релација Загреб-Ријека-Крк. Добитници се на годинешната награда за најдобар млад уметник на Хрватското здружение за ликовни уметности во 2008 г. Алебиќ е доцент на Академијата за применети уметности во Ријека, Блажиќ бил асистент на 3 година од 2009-2012 г. на Академијата за применети уметности во Ријека, а Скврце е асистент на Академијата за ликовни уметности во Загреб. Таквиот статус им одредува посредничка улога во процесот на трансферирање знаење меѓу надредениот статус на професорите и оној на студентите.

ИВАНА ВАСЕВА (1984, Скопје) дипломирала на Факултетот за историја на уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2007 година. Била една од учесниците на проектот „Расшколувано знаење“, колективно самообразование во уметноста и културата, а има специјализирано во областа на кураторството на Кураторската програма (2011/2012) на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.

Фокусот на нејзиниот кураторски интерес во последните неколку години се однесува на преиспитувањето на улогата на уметноста во поширокиот социо-политички и економски систем и нејзината потентност и потенцијалност кон стимулирање промени (во најмала рака емотивни и спекулативни) во различни контексти. Таа го преиспитува овој однос, од една страна преку поврзаноста на современите истражувачки уметнички практики и мултидисциплинарноста со едукацијата а од друга страна преку развивањето на дискурзивни проекти кои директно рефлектираат кон политичко-економските и општествените односи во кои уметноста делува. Досега била куратор на изложбите: You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you (Мобилна/монтажна галерија на ЦАЦ, 2014, Скопје);  „МСУ има магарешки уши“,изложба/инсталација, курирана во рамките на просторна инсталација 2000-тите ЗА НЕЗАВИСНИТЕ – базирано на вистински приказни (Јане Чаловски, Христина Иваноска) (МСУ, 2014); ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА (градски џез бар Моџо, Скопје, 2013), кокуратор на проектите„Уметникот и диктатурата“ (2013, Скопје), SKOPJE: THE ULTIMATE GOLDEN COLLECTION OF PERSONAL MEMORIES 1960 -2010 vol 1/СКОПЈЕ:ВРВНА КОЛЕКЦИЈА НА ЛИЧНИ СЕЌАВАЊА 1960 – 2010 вол.1, (Скопје, 2012), регионалната конференција „СЕЌАВАЊЕ НА ЕДЕН ГРАД: Микроутопии и стварности“ (Скопје, 2012) и други проекти  и групни и самостојни изложби.

ФИЛИП ЈОВАНОВСКИ (Битола, 1979), визуелен уметник и граѓански активист. Магистрант на Факултетот за ликовни уметности, отсек – сликарство во Скопје (2012). Учествувал на повеќе групни изложби: Биенале на млади уметници (2009/2011/2013); SEAfair (Саем на електронски уметности) – Музеј на современа уметност Скопје (2010); Фестивал Перфорације – Загреб (2010); Фестивал Синхронзирани градови (2010), Victory Obsessed (2013), Познан, Полска, Паралелни светови(2014) Дуплекс 100м2, Раскажувањето како уметничка пракса, T.I.C.A Tirana institute for contemporary arts, 2014. Самостојни изложби: Одлука (2010), Glotzt nicht so romantisch (2011) Прима Центар Берлин, Три лесни парчиња: предлог за опера во три чина (2012) Центар за Култура Битола, Силата на Спартактистите или Моќта на љубовта (2014) Отворено графичко студио –Скопје. Добитник на наградата за млад ликовен уметник ДЕНЕС 2013. Неговите дела се во полето на истражувачки интердисциплинарни проекти кои често користат кураторски пристап и претставуваат трансформација на политички и социјални категориии во просторни слики.

Од 2007-ма година е уметнички директор на фестивалот за современа уметност АКТО во Битола. Исто така член и еден од основачите на Иницијативата КООПЕРАЦИЈА (2012-), ЈАДРО (2012-) асоцијацијата на независната културна сцена како и неколку други неформални активистички иницијативи.

ДАНИЕЛ СЕРАФИМОВСКИ е роден и живеел во Данска, а од 1997 година,живее и работи во Лондон. Серафимовски дипломирал на Архитектонскиот Универзитет во Единбург. Постдипломските студии ги завршил на Факултетот за Архитектура на Кралската  Данска академија за уметност, архитектура и дизајн во Копенхаген, во рамките на што студирал и на Istituto Universitario d’Architettura во Венеција, Италија.

Доцент (Senior Lecturer) е по проектирање, и по историја и теорија на архитектура, на London Metropolitan University (сегашен назив Sir John Cass Faculty of Art, Architecture and Design) каде што предава од 2002 година,и каде последните неколку години работи со постдипломски студенти. Предавал и на други факултети во Велика Британија (Oxford Brooks; University of Nottingham, и други), а во 2008 година беше визитинг професор на Корејскиот Национален универзитет за уметност и архитектура во Сеул. Од 2000 година, предава повремено и на Кралската Данска академија за уметност и архитектура во Копенхаген, а моментално е визитинг професор во Архитектонските факултети на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ и  Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

Освен академските активности, Даниел Серафимовски од 2002 година има основано сопствено архитектонско студио во Лондон, а претходно работел во реномирани архитектонски студија во Копенхаген и во Лондон (Henning Larsen, PoulIngemann, David Adjaye). Во 2012 година, има учествувано (заедно со своите студенти, со архитектот Pierre d’Avoine и уметник-архитектот PoulIngemann) во „Conversation Pieces“, уметнички-архитектонски  проект во јавниот простор во Лондон, sо поддршка од GLA, Greater London Authority, за времетраењето на Олимпијадата. Потоа, во 2013 година, има освоено првa награда на интернационалниот конкурс Danish Built Challenge и Nordic Innovation Award.

Во неговата работа се рефлектира интерес во односот помеѓу архитектурата и современата уметност. Неговиот истражувачки интерес и пристап се изразува и во методологијата на работа како архитект, како и во неговиот педагошки пристап како едукатор. Има учествувано во интернационални конференции со свои трудови а истовремено и во создавање на културната програма (јавни предавања и изложби) на архитектонскиот факултет – London Metropolitan University. Пишува за архитектонското списание„Arkitekten“ во Данска, а се бави и сo фотографија, видео и други видови на креативна документација. Има истражувано зa архитектурата на специфични архитекти и градоби (Joze Plecnik во Љублјана, Luigi Snozzi vo Мonte Carasso,Ticino). Истражувањето за градот Скопје „Отворена архива“, е израз на неговиот интерес во архитектонската култура на различни општества и нивните градови, а во тој контекст и во важноста на историскиот континуитет и колективната меморија.

УЧИТЕЛОТ НЕЗНАЈКО И НЕГОВИТЕ КОМИТЕТИ е место на самоедукација и јавна библиотека – архив на текстови, периодики и книги од југословенската хуманистика. Потребата за собирање, класификација, повторно критичко читање на клучни текстови  и книги од југословенската хуманистика потекнува од три причини: таа содржи социјална и политичка алтернатива на постоечкиот систем во Србија, но и глобално. Нивното повторно критичко читање е од суштинско значење за развојот на недогматски, критички, политички мислители кои рефлектираат на актуелните процеси и настани во општествено-политичкиот и економски живот во регионот. Исто така, југословенската хуманистика е надвор од образовното и интелектуално внимание во сите држави, наследници на поранешна Југославија, а без неа не е можно да се разбере целиот дваесетти век на југословенскиот народ. Хуманистиката, како дисциплина, е потисната на маргините на актуленото универзитетско знаење.                                                    http://www.uciteljneznalica.org/

ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е подолгорочен кураторски проект, кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература, која се однесува на граѓанска партиципативност, активност и реакција, по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор, организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество. Живата библиотека претставува отворена збирка од колективно знаење, формирано од страна на самите граѓани. Таа постојано се гради и надополнува, преиспитувајќи ја идејата за тоа што претставува „знаењето‟ и како тоа се манифестира во услови на радикални промени во социо-политички контекст. Притоа, индивидуалното видување, јавното искажување став и партиципативност, преку избор и донирање на конкретна книга поврзана со претпоставената тема е основа која придонесува во обликувањето на содржината на „живата‟ библиотека, но во исто време станува сведоштво на колективно разбирање на актуелните состојби и креира критички дискурс кон истите. Сосема накратко, Живата библиотека генерира нови форми на граѓанско здружување и се наоѓа во функција на отворена платформа, која промовира принцип на директна демократија.

Во својата последна фаза, процесот на реализација на проектот подразбира креирање на алтернативно катче, физички простор во НУ Центар за култура – Битола, кое ќе постои независно, како контрапункт на официјалните и доминантни унивeрзитетски структури на образование и ќе служи како јавен простор за дебата, ефикасно и бесплатно ширење на знаење, користејќи различни форми на дистрибуирање на истото преку нови медиуми, читачки групи, акции и работилници, а истите ќе понудат достапност и можност за демократски пристап до „субверзивна‟ литература којашто не се употребува во официјалните универзитетски курикулуми и библиотеки.

За целите на проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е распишан и отворен повик, до сите оние кои сакаат да подарат и споделат книга за која сметаат дека е особено важна за исчитување и дискутирање во денешниот општествено – политички контекст.                             http://zivibiblioteki.wordpress.com

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s