Зорица Зафировска

Лично/нелично
Изложба на Зорица Зафировска
бележници(1)
Oсобена чест ни претставува да ве поканиме на изложбата „Лично/нелично“ на авторката Зорица Зафировска.
Изложбата ќе биде поставена од 11-ти ноември (среда) до 14-ти ноември (сабота) 2015 година, од 10 до 17 часот, со претходно јавување на 075410130.

Наместо најава за печат, овој пат ги публикуваме белешките за изложбата „Лично/нелично“ на Славчо Димитров.

Изместувајќи го ритамот на хетеропатријархалната кореографија
Славчо Димитров
Нашето време е време на постполитичка консензуалност, оркестрирана со пребројување на административни позиции, мерење на резултати и банализирана дебата на преговарачка парламентарна маса со фини манири и добро домашно воспитание. Секој обид да се предизвика хегемонијата на здравиот разум и да се вратат на сцена протераните страсни, проживеани и отелотворени конфликти и антагонизми помеѓу нееднакво признаените и регулирани страни во општественото поле на дистрибуција на моќта, претставува ризик. Тоа е ризикот да бидете априори делегитимирани како недостоинствени учесници во “демократската“ дебата и да го понесете маркерот на ирационалноста, хистеријата и примитивизмот на вресокот соголен од достоинството на политичкиот логос. Овој ризик е ризикот да бидете сместени во историскиот регистар на “женското“ место проскрибирано од нарцистичката и самодопадлива јавна сфера на умерените, костумирани и високоедуцирани мажи од високата класа (или пак жени во чекор и ритам усоглласени со фаличката социјална кореографија).
Нашето време е време по “крајот на историјата“ и божемниот универзален триумф на либералната демократија. Во ова време прашањата за родовото насилство, нееднаквост и трансформација според хегемоната политичка логика се “скоро па решени“, додека она што ни преостанува е единствено да го одржуваме веќе постигнатиот баланс и да ги славиме, од удобна историска дистанца, победите на нашите претходнички. Мобилизацијата на противставеноста во која од другата страна како противници стојат патријархатот, маскулинистичкото насилство, културата на силувања и потчинувањето на жените, е исто така ризичен гест со кој може многу лесно да бидете депласирани како застарени, параноидни, исфрустрирани, неблагодарни и радикални феминистки. Освен во контролирано санкционираните услови за изговарање на овој збор, како парфемираната говорница на Обединетите нации и од местото на холивудска ѕвезда, феминистичкиот антагонизам останува да го означува ризичното место на стигмата и надвиснувачкото сениште.
Инсталацијата на Зорица Зафировска – „Лично/нелично“ – тргнува токму од ова место, понесувајќи сиот ризик на истото. Оперирајќи во доменот на естетското искуство, Зафировска го изнесува на виделина конститутивното и парадоксално испреплетување на политиката и уметноста – “дисензуалната реконфигурација на заедничкото/споделеното искуство на сензибилното“ (Ж. Рансјер). Во ова дело се одигрува суспензија на секојдневните форми на сензорно искуство, на она што сме навикната и што е санкционирано во рамки на полицискиот хетеропатријархален режим на дистрибуција на сензибилното како ограничување кое регулира што може да биде видено, слушнато, почувствувано и препознаено како легитимен дел од заедничкото и споделениот социјален простор. Зафировска го преврамува она што го сметаме за недвосмислено реално, и ја предизвикува сензорната самоевидентност на постојниот поредок, тргајќи го велот на патријархалното насилство кои сеуште го организира и дефинира нашето искуство и социјално постоење.
Вселувајќи се во самата внатрешност на формата на лепливите, невро-резонантни шорт кат пораки на адвертајзингот, Зафировска ја прекинува тековната циркулација и преклопување помеѓу перцепцијата/ сетилното/ она што ни е ставено во фокалното поле на социјална видливост, од една страна, и смислата, од друга страна. Форматирањето на рекламно-политичките пораки како едноставни и еднозначни клише-форми и зборови стануваат медиум за уметничката преку кој недвосмислено нѐ соочува со скриените модринки врз социјалното тело. На виделина испливува потиснатата историја на насилството како можност и основа на одржувањето и хегемонијата на фетишизмот кон робата и одржувањето на хетеропатријархалниот оикус – како архив на минатото и сегашноста обележан со насилството, дискриминацијата, исклучувањето, размената и силувањето на жените – како симптом-флека на идеализираната слика на семејниот и социјалниот конфор. Зафировска ја соголува и распетлува хабитуираната и здраворазумска логика на секојдневието на деполитизираниот конзумирачки субјект, и запирајќи го (нѐ), го (нѐ) соочува со неумоливиот повик на правдата како нужноста од политизација и конституирање на антагонистичен и поинаков сензориум. Во традицијата на концептуалната уметност, како и Барбара Кругер, Џени Холцер, Лилит Адлер и другите феминистички и “слогански уметнички“, Зафировска ја реапроприира вкотвеноста во релациите на моќ на претпоставените саморазбирливи вистини и авторитетни пораки, политичките и продажните труизми, и од тоа место сопоставува алтернативни, агонистички значења и можности. Со истиот гест таа го удира режимот на видливоста раздиплувајќи го прикриеното насилство на незнаењето и премолчувањето. Во баналното секојдневие на патријархатот и капитализмот, Зафировска го испречува како споменик зборот силување, како и насилството имплицирано во родовата поделба на општеството. Во граматиката на секојдневието, низ процепите на нам добро познатите зборовите со кои стерилно тонеме во светот околу нас и ги следиме ентузијастично ветените патеки на среќата, Зафировска, како “feminist killjoy” (С. Амед) проговорува со јазикот на замолчените и засрамените, крикот на оние што се сметани за помалку човечни и анимални – како јазикот на еднаквоста.
Но овие зборови-светоодредници во делото на Зафировска се лизгаат кон еден мал, навидум незначаен, сетилен, но сепак светотворен мал предмет – бележникот, и на тој начин ефектуираат двојно отстранување и очудување. На Зафировска не и се потребни посебни аналитички и дискурзивни одредници и еднозначни рефренти од “реалниот свет“ кои политичкиот судир ќе го остварат преку препознатливите правила на политичката игра. Естетскиот и метаполитичкиот ангажман овде се материјализира преку еден предмет во кој се впишува суптилно историјата и проживеаното искуство на секојдневието на родовите малцинства. “Метаполитиката е мислењето кое стреми да го надмине политичкиот дисензус преку смена на сцената, преку преминот од појавувањето на демократијата и формите на Државата кон инфра-сцената на подземни движења и конкретни енергии што ги сочинуваат претходниве“. (Рансјер)
Преозначувајќи го малото тефтерче – бележникот, не само што ѝ се испречува на апстракцијата на разменската вредност на капиталистичкиот пазар, туку, уште позначајно, Зафировска ја изместува и употребната вредност на нашиот дневен распоред. Одовде, бележникот, како обичен сетилен предмет од секојдневието во кој се испишува организацијата на времето, се регулираат капацитетите и линиите на движење на женските тела како конзументи и потрошувачи во маркетот со цел да се наполни домашната потрошувачка корпичка (“направи список на работи за купување“), станува површина за впишувањето на нов субјект, на тело кое се изместува од нему пропишаната позиција и можности, тело кое се трансформира во непрепознатлив носител на отпорот против хетеропатријархалната експлоатација. Или пак, бележникот како знак во семиотиката на кујната (повторно низ реферирање на феминистичката уметничка историја преку Марта Розлер) што реферира на традиционалните женски улоги (запишување на рецепти, можеби?) станува мапа на личното освестување и колективно планирање на борбата за еднаквост. Значењата се умножуваат. Секојдневието на бележникот се огледува и во неговата употребна вредност како организатор на времето, место во кое се испишува дистрибуцијата на времето, на обврските, планот за работа, одговорноста и уморот од експлоатацијата на “феминизираниот“ труд во неолибералниот капитализам. Во ова време нема време за политичка субјективација. Зафировска ја разглобува неолибералната деполитизација и отвара простор за “екстра“ време, го враќа одземеното време за да се биде поинаку, за промена. Од друга перспектива, сугестивниот систем на приватизирачката и психологизирачка логика на сентименталната поп-литература за самопомош која го повикува угнетениот субјект, преку постојан себе-надзор да ги најде проблемите во својот живот и, да ги преземе на своја одговорност, со доволно силна волја, неопходните чекори за себе-трансформација, во „Лично/нелично“ се сопоставени со радикалното отфрлање на обвинувачката машина на производство на вина и одговорност кај жените, и тупаница кон социјалната архитектура на родовото насилство и структурна нееднаквост.
Зафировска на прецизен, минимален, суптилен и внимателен начин покажува дека знае многу добро кои се прикриените и ефективни стратегии на операцијата на моќта. Таа не ја лоцира моќта во “монархискиот“ принцип на центрираниот извор, како на пример во државата. Моќта оперира низ дифузна мрежа на релации вкотвени во најбаналните ќошиња на секојдневието, и затоа прекинот и судирот што го перформира Зафировска во ова свое дело се позиционира токму во диплите на моќта распослани во еден цел начин на живот (означен со малото тефтерче) наместо единствено во традиционалните институции на државата и моќта.
Лична белешка
05.11.2015
Организирај колектив за протест, блокада и бојкот на сите компании и фирми кои во своите реклами сеуште ги редуцираат жените на насилничкиот стереотип да бидат ништо повеќе од објекти на желбата на исплашените мажи и мравки во кујната од розевото гето.