La Mystérique – од престап до ослободување

на Искра Гешовска

„Драга пријателке, не знам дали знаете, но во меѓувреме му се вратив на Бога. За мене тоа не значи да се прифатат неколку надворешни одредби на Религијата кои слепо ќе се следат. Тоа значи да се преуреди душата во дослух со болката на телото, како што се преуредува старо искинато одело, кое, откако ќе го превртите, го фрлите во оган, од кој, не знам заради какво чудо, вадите ново одело, кое секако ги содржи сеќавањето и трагите на старото, но е сосема поинакво.“

 

Антонен Арто, Писма од Лудницата (1946)

Screen shot 2014-05-05 at 10.24.25

La Mystérique (патот кон милоста) е параестетско искуство. Процесите на мислење, согледување, проникнување и ткаење на светот, на човекот во светот и на човекот вон светот, кои Христина Иваноска ги артикулира во своето творештво, а пред сè во ова комплексно интимно, онто-теолошко но и политичко и идентитетско истражување се токму параестетското обликување на копнежот поставен помеѓу реалното, симболичкото и имагинарното. Делото на Иваноска се поставува наспрема теорискиот догматизам и естетските ограничувања, деконструирајќи ги логоцентричните, метајазични системи засновани на цврсти мисловни, затворено автономни естетски претпоставки, методи, значења и критериуми. На некој начин тоа претставува критика на границите и ограничувањата на естетското, политичкото, онтолошкото. La Mystérique може да се каже дека е упатство за тоа како да се мисли политичкото во термините на желбата, на копнежот и копнежот во термините на политичкото. Низ своето „патување кон милоста“, низ кое се бара своето место во процесите на дискурсите на љубовта во нејзината чиста форма, Иваноска користејќи ги силните рефренци на Симон Веил и Лис Ираигаре, на нивното искуство на „телото“ во битката со нормираниот свет, преку девете дела на хартија создава фабула која е антиалегорија, географска карта на историското знаење но и на ослободувањето од него, на бунтовништво но и на прифаќањето, на прекршувањето но и на одново пресоздавање на меморијата. Пред нас е лавиринт, дијаграм на љубовта, на болката, на вознесението и смртта како конечно реализирање на сеќавањето на животот. Така, создадено е отворено дело кое си поигрува едновремено со екстатичноста, разузданоста на копнежот, на желбата но и со економијата на истата, која станува дел од прифатената општествена размена во нормираната култура на очекуваното. Стоиме пред отворен простор на сонот за непрестојната потрага по идентитетските значења но и на деконструирање на истите. La Mystérique е ризом усмерен против насилството на системското мислење и поимање на светот.

Овој визуелно-јазичен гест на Иваноска отвора мноштво прашањ: Дали оваа приказна е приказна за љубовта и за смртта? Дали е за утопиите? Дали е за прекршувањето на очекуваните барања од културата? Дали е за нужноста од спознавањето на континуитетот на познатото за да се достигне допирот на непознатото, а посакуваното? Да се успее да се излезе од затворот на културата без да се биде виден. Малку нешта наликуваат на смртта како што наликува исполнувањето на љубовта. Љубовта и смртта се двата главни лика на оваа приказна која нема ниту заплет ниту расплет. Приказна која го сублимира најголемиот дел на кругот (венецот) на животните врева и гнев, кои телото го движат низ сите негови дилеми, преку култот на неговото фрагментирање до болка, кон лествицата на спокојството во патот кон Апсолутот.

Треба одново да се најде оној кој зборува, кој гледа и мисли воспоставувајќи го одново битието во една затворска самодоволност и во јаснотијата составена од сенките на самоодрекувањето, вели Иригаре во рефрентниот текст кој го користи како една од своите појдовни точки Иваноска. Трагаме од бегството на душата надвор од себе самата, отворајќи меѓуотвор за да навлезе во себе одново. Себството е уловено, заробено во многу претстави и обвивки, оковано во пранги и конфигурации кои вака фрагментирано го водат во неговото единство.

La Mystériqueговори со јазикот на трансгресијата. Трансгресија, (lat.transgression) значи престап, прекршување на вообичаениот, нормативен тек назададената и очекувана законитост на културата, на наредбата на заедницата, па и на идентитетот. Во геолошка смисла значи продирање на морето во копното. Болката и страдањето се шираат и продираат во телото, како морето во копното.

Но, во една феноменолошка смисла со трансгресија го одредуваме она кое ја карактеризира уметничката епифанија, а тоа значи пречекорување од прагамтичната и инструменталната во онотраната сфера на човековата рецепција. Во прашање е екстаза, односно, она лакановскот jouissance. Трансгресијата го означува влезот во квалитативно инаквата состојба на мислење, чувствување, постоење, на безисторичноста, ненаративот, на пристутноста која е отсутна, на отсутноста која е присутна, на неискажливото, бидејќи само така, меѓу луѓето лишени од општествена и животно-прагматична конкретизација е можно вистинско разбирање и создавање уметност, односно живот.

Правејќи ја својата уметничка но и личносна трансгресија, Иваноска преку вербалниот и визуелниот текст поставува коридори, премини, капии помеѓу сцената и светот, помеѓу телото и јазикот, помеѓу историјата, меморијата и мигот.Звукот на ова дело е исполнет со плач, крик, болка, тишина, грешка. А тоа го провоцира симболичкиот код однатре, ги проблематизира гарантите и легитимноста на очекуваното. Иваноска низ талкањето во интимниот пат до идентитетската милост ги прекршува нормативите за слободата, онаа емотивната, политичката, родовата, половата. Таквата одлука за престап, за прекршување на она што значи култура е постојана борба. Иваноска нежно но моќно, прецизно низ својата визуелна и наративна синтакса низ силните референци кои ги ползува го прави токму тоа – создава пејзаж, нова референца, при што укажува дека борбите освен што се борби на мегакултурите, на мегареференците и законите тие се борби на внатрешниот пат кој се наоѓа внатре тие меганарации. На тој начин, Иваноска нè предупредува да обрнеме внимание на еден парадокс – кршењето на правилата претпоставува создавање на нови правила, на нова граматика, на нов јазик кој се надоврзува на континуитетот на претходната зададеност, но го деконструира и реконтекстуализира истиот, давајќи му поинаква семантика. Кршењето на забраната подлежи на правила барем исто онолку колку и самата забрана. Смислата на престапот е во тоа да се откријат новите хоризонти но и новите граници на слободата. Понекогаш се чини дека токму во престапот се исполува најголемата грижа за правилата. Ваквото стојалиште е потврда за наративното но и естетското кредо на Иваноска – таа има експлицитен интердисциплинарен пристап кој не е само невино колажирање на стилови туку цела драматургија на борбата која клучните идентитетски референци вткаени и проникнати низ нејзиното дело ја водат низ отсечката на животот преку љубовта, страдањето па сè до смртта. Онтолошките перспективи кои се истакнуваат во изборот на текстот и во изборот на личностите кои стојат зад вербалниот и визуелниот текст на Иваноска, создаваат ризоматски разгранувања од голем формат. Така Иваноска ја востоличува естетиката и политиката на децентрираната дискурзивност – кај неа секој гест, секој знак, секоја референца палимпсестно отсликува безброј слоеви на идентитетските феномени. Сè може да биде и нешто друго. Сè е една чудесна пајакова мрежа на значења (буквите се преклопуваат, визуелните симболи се проѕираат, диоптриите се безбројни) монолитна во својата златна, свечена нарација, но богато колоритна во својата семaнтика. Иваноска создава субверзија, прекин, крах, па, би можеле да кажеме и идентитетска револуција. Нејзиниот втихнат крик е крик на некој кој инсистира да го изоди храбро патот на сознание на индивидуалната егзистенција, омеѓена со фактот, со историјата, со меморијата. Темпоралноста на присутното визуелно и на отсутните тела чии наративи се прецизно извезени и овенчани во концептот на Иваноска, се одвива во бинарни опозиции: ред и анархија, екстаза и помирување, едновремен копнеж по отстапката и по нормалноста, минливост наспрема идеализирање на вечноста и траењето, кои треба да бидат дарувани преку милоста или преку редефинирањето на милоста Божја. Она што нè успокојува во целиот немир кој авторката ни го подарува е взаемноста, балансираноста на хоризонталноста (историчната референтност) и вертикалноста (значенската ризоматичност) – световната наспрема духовната вертикала. Овие неколку чекори водат кон патот низ животниот круг, кој нужно преку болката, повредата, преиспитувањето на телото и на Еросот (љубовта, самиот живот), може да го почувствува постоењето и со тоа да ја оправда смртта. Преку „сценариото“ за ентропијата на смислата и траумата како фикција Иваноска со La Mystérique нè воведува во авантурата на пречекорување на димензиите на телото, на кршење на емоционалните и политички наративи.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s